Владина делегација на Самит на групата 16+1 во Будимпешта

27.11.2017 08:01

Делегација на Република Македонија предводена од премиерот Заев, ќе има повеќе билатерални средби и состаноци. Заев утре ќе има средба со Ли Кечијан, премиерот на Народна Република Кина...

Владина делегација предводена од премиерот Зоран Заев во Будимпешта ќе учествува на 6-тиот Самит на шефови на влади на процесот за соработка на Народна Република Кина со земјите од Централна и Источна Европа.

Како што соопшти владината прес- служба, во официјалната делегација на Република Македонија на самитот се и Кочо Анѓушев, заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Крешник Бектеши, министер за економија, Роберт Алаѓозовски, министер за култура, Виктор Димовски, државен секретар во Министерството за надворешни работи, и национален координатор за соработка со групата 16+1, како и Фатмир Бесими, советник за економија во Кабинетот на Претседателот на Владата на Република Македонија.

Делегација на Република Македонија на овој самит, познат и како Самит 16+1, ќе присуствува и на церемонијата на отворањето на економскиот, трговскиот и финансиски форум, како и во работата на пленарната сесија на форумот, на која свое обраќање ќе има и премиерот Зоран Заев. Претседателот на Владата, како и другите членови на владината делегација, за време на 6-тиот Самит на шефови на влади на процесот за соработка на Народна Република Кина со земјите од Централна и Источна Европа, ќе имаат повеќе билатерални средби и состаноци, информира прес-слижбата на Владата.

Премиерот Заев утре ќе има средба со Ли Кечијан, премиер на Народна Република Кина, а ќе се сретне и со премиерот на Унгарија Виктор Орбан.