БПЦ: Ќе помогнеме во признавањето на статусот на МПЦ-ОА
Синодот на Бугарската православна црква одлучи да го прифати предлогот на Македонската православна црква и да даде целосна помош во застапувањето пред останатите помесни цркви за утврдување на канонскиот статус на МПЦ- ОА. Во соопштението издадено по денешната седница, Синодот на бугарската патријаршија се вели дека за ова прашање е формирана Синодска архиерејска комисија од осум члена.

Бугарската православна црква има света должност да се ангажира и да понуди целосна соработка, посредство и застапување пред останатите православни цркви за утврдување на канонскиот статус на МПЦ- Охридска Архиепископија. Ова го пишува во соопштението објавено по седницата на Светиот синод на Бугарската црква. Формирана е осумчлена комисија која ќе започне преговори, како со МПЦ, така и со останатите сестрински цркви. Бугарските владици, вклучително и патријархот Неофит сметаат дека треба да се прифати подадената рака, откако МПЦ- ОА до нив испрати писмо во коешто наведе дека ќе ја признае БПЦ за мајка- црква, долку ја признае и се заложи за признавање и застапување пред останатите во православниот свет.
Синодот на Македонската православна црква- Охридска Архиепископија веднаш по одлуката преку соопштение изрази благодарност до бугарските архиереи за искажаната подршка.
„Донесеното решение на Светиот архиерејски синод на БПЦ дава надеж за конечно решавање на статусот на легитимната автофекалност на Македонската православна црква во семејството на помесните православни цркви. Очекуваме, и во иднина, Бугарската православна црква на МПЦ- Охридска Архиепископија да ѝ биде постојан сотрудник во остварувањето на потребната богоугодна цел“, соопштија од МПЦ.
Од утрината пред Синодот на БПЦ бугарски граѓани, интелектуалци се собраа и со тивко бдеење дадоа подршка на МПЦ- Охридска Архиепископија, но и ги замолија бугарските владици за признавање и посредување.
Како ќе се одвиваат сега работите во црковниот свет останува да се види. Македонските владици се решија на признавање на Бугарската црква за мајка поради деценискиот ќор сокак со Српската црква која само декларативно се залага за отпочнување на преговори околу статусот на МПЦ-ОА.
Миле Ристески