Собраниската комисија попладне ќе расправа за имунитетот на пратениците

29.11.2017 11:32

Пратениците од власта имаат мнозинство во Комисијата, така што се очекува одлука да биде донесена и доколку пратениците од опозицијата односно ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваат на седницата.

Собраниската Комисија за деловничко и мандатно-имунитетни прашања попладне околу 15 часот треба да одржи седница на која ќе се одлучува за барањата од судот за одземање на имунитетот на шестмина пратеници кои обвинителството ги товари за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на државата, а во врска со насилствата во Собранието на 27-ми април годинава.

Претходно се очекува во Собранието да пристигне и претседателот Талат Џафери од службеното патување во Шведска. Џафери, според Деловникот на Собранието и Уставот, барањата од Судот што вчера пристигнаа до него треба да ги проследи до претседателот на Комисијата за деловничко и мандатно- имунитетни прашања Павле Богоевски. Богоевски вчера најави дека веднаш по доставувањата на барањата ќе закаже седница на Комисијата.

Пратениците од власта имаат мнозинство во Комисијата, така што се очекува одлука да биде донесена и доколку пратениците од опозицијата односно ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваат на седницата. Членови на оваа комисија се и двајца од пратениците за кои има информации дека е побарано притвор, но според Деловникот и тие треба да бидат известени за седницата. Нивното место во Комисијата ќе го заземат заменици-членови од пратеничката група.

Комисијата е должна да го разгледа известувањето и во рок од два дена да го достави извештајот до претседателот на Собранието. Врз основа на извештајот на Комисијата, Собранието најдоцна во рок од три дена од добивањето на барањето за притвор на пратеникот одлучува по барањето. За одземање на имунитетот на пратеникот потребно е просто мнозинство.