Се бара зајакнување на санкциите против Пјонгјанг
Северна Кореја лансира уште една ракета и се закани дека со проектил може да ја погоди територијата на САД. Американците бараат зајакнување на санкциите, а Франција соопшти дека и Европа е загрозена. Јужна Кореја е вознемирена за одржувањето на идните Зимски олимписки игри...

Ким Јонг- Ун лансираше нова ракета за која изјави дека може да го погоди кој било дел од Соединетите држави. Станува збор за проектилот „Хвасонг-15“, опишан како многу поможен од сите претходни, кој падна во Јапонското море, а севернокорејскиот лидер по успешното лансирање рече дека неговата земја конечно ја остварила својата повеќедецениска цел да стане нуклеарна сила.
По тестирањето на новите интерконтинентални ракети Вашингтон ги предупреди севернокорејските власти дека ќе бидат „целосно уништени“ доколку дојде до војна. На вонредна седница на Советот за безбедност на ОН, американската амбасадорка во светската организација, Ники Хејли побара од меѓународната заедница да ги зајакне санкциите против Северна Кореја. Истакна и дека САД од Кина побарале да престанат да ја снабдуваат Северна Кореја со нафта. Амбасадорот на Русија во ОН, го повика Пјонгјанг да ги запре нуклеарните тестирања.
Француската министерка за одбрана Флоранс Парли изјави дека и Европа, како и САД може да биде цел на балистичките ракети на Северна Кореја. Парли оцени дека меѓународната заедница треба да продолжи со санкциите за Пјонгјанг и додаде дека е важно целиот свет да ги воведе тие санкции, вклучувајќи ги и русија и кина.
Сеул, пак, смета дека Пјонгјанг би можел да нанесе „смртоносен удар“ на претстојните Зимски олимписки игри, кои од 9-ти до 25-ти февруари наредната година ќе се одржат во Јужна Кореја. Јужнокорејскиот министер за обединување Чо Миунг-Гион изјави дека најверојатно, редовната воената вежба на САД и Јужна Кореја ќе биде одложена за да се избегнат сите провокации пред ЗОИ во Пјонгчанг, кој е оддалечен од границата само 80 километри.
Марина Ристова