Русија: Не ги прекинуваме врските со Северна Кореја
Русија ја одби Америка, нема да ги прекинува врските со Северна Кореја. По лансирањето на новата ракета Вашингтон го предупреди Пјонгјанг дека целосно ќе го уништи во случај на војна. Франција соопшти дека и Еевропа е загрозена...

Русија го отфрли барањето на Вашингтон за прекин на трговските и дипломатските врски со Северна Кореја и ги обвини САД дека го провоцираат режимот во Пјонгјанг.
„Во неколку наврати истакнавме дека притисокот на санкциите е истрошен и дека сите тие резолуции со кои се наметнати санкциите подразбираа и политички процес и повторно воспоставување на преговорите. Последните акции преземени од страна на САД се чини дека се намерно насочени кон провоцирање на Пјонгјанг со цел да преземат некои тешки акции“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.
По последното ракетно тестирање од Пјонгјанг, Вашингтон ги предупреди севернокорејските власти дека ќе бидат „целосно уништени“ доколку дојде до војна. На вонредна седница на Советот за безбедност на ОН, американската амбасадорка во светската организација Ники Хејли побара од меѓународната заедница да ги зајакне санкциите против Северна Кореја. Истакна и дека САД од Кина побарале да престанат да ја снабдуваат Северна Кореја со нафта.
„Меѓународната заедница е подготвена да и понуди подобра иднина на Северна Кореја доколку го направи вистинскиот избор“, изјави Чо Тае- Јул, амбасадор на Јужна Кореја во ОН.
Јапонскиот амбасадор во ОН, Коро Бешо рече дека Јапонија најостро го осудува најновото лансирање и побара од Пјонгјанг да ги запре нуклеарните тестирања.
„Јапонија никогаш нема да го толерира нуклеарното вооружување на Северна Кореја. Проектилот достигна најголема далечина до сега, од над 4.000 километри, леташе 53 минути и падна во Јапонското море“, изјави Коро Бешо, јапонски амбасадор во ОН.
Француската министерка за одбрана Флоранс Парли изјави дека и Европа, како и САД може да биде цел на балистичките ракети на Северна Кореја. Парли оцени дека меѓународната заедница треба да продолжи со санкциите за Пјонгјанг и додаде дека е важно целиот свет да ги воведе тие санкции, вклучувајќи ги и Русија и Кина.
Марина Ристова