Собранието ќе расправа за одеземање на имунитетот на шест пратеници

01.12.2017 09:04

Извесно е дека Собранието ќе им го симне имунитетот на пратениците, но и покрај тоа тие, според македонската легислатива и Уставот, ќе останат на пратеничката функција се додека евентуалната пресуда на Кривичниот суд не стане правосилна...

Собранието на Република Македонија денеска ќе расправа за одземање на имунитетот на шестмината пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ поради притвор за настаните од 27-ми април во Парламентот. За симнување на имунитетот потребно е просто мнозинство односно 61 глас.

Со ова ќе заврши постапката предвидена со Деловникот на Собранието и Уставот за симнување на пратеничкиот имунитет на Крсто Мукоски, Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска, Љубен Арнаудовски, Љупчо Димовски и Сашо Василевски.

Извесно е дека Собранието ќе им го симне имунитетот на пратениците, но и покрај тоа тие, според македонската легислатива и Уставот, ќе останат на пратеничката функција се додека евентуалната пресуда на Кривичниот суд не стане правосилна и ако пратеникот е осуден за кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години.

Заседанието на Парламентот за симнување на имунитетот, спикерот Талат Џафери го закажа откако вчера Комисијата за деловничко и мандатно - имунитетни прашања со поединечно гласање одлучи да им го симне имунитетот на шестмината пратеници. На седницата присуствуваа пратениците од СДСМ, како и неколкумина од ДУИ и Беса.

Народните избраници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, како и пратениците за чиј имунитет се расправаше иако поканети не присуствуваа на седницата.