Груевски најави оставка
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во интервју за „Курир“ најавува дека ќе поднесе оставка пред органите на партијата. Порачува дека еден ден СДСМ ќе се кае за ова што го прави, а народот ќе си ја врати државата. Оценува дека влегувањето во парламентот и особено употребата на физичка сила биле грешки, но од друга страна смета дека тоа било реакција на нелегалниот избор на претседател на Парламентот...

Ќе поднесам оставка пред органите на партијата, еден ден СДСМ ќе се кае за ова што го прави, а народот ќе си ја врати државата, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во интервју за порталот „Курир“. Тој потсетува на изјавата по првиот круг на локалните избори дека претседателот на партијата носи најголема одговорност. Независно каков ќе е исходот од анализата на изборите, дури и ако е таков дека објективно мојата вина е мала или најмала или дури ако се утврди дека немам објективна вина за поразот, ќе поднесам оставка. Најави дека партијата, согласно со статутот ќе организира вонреден конгрес, на кој ќе се избере и претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Следните чекори заеднички се координираат во партијата и со пратеничката група во Собранието. Според Груевски, последните случувања поврзани со настаните од 27-ми април се конструкција од највисок ранг.
„Влегувањето во парламентот и особено употребата на физичка сила беше грешка и јас бев прв политичар кој јавно, најпрвин преку социјалните мрежи повика на смирување, а потоа и на прес- конференција го осуди тоа. Од друга страна, јасно е дека тоа беше реакција на акција, односно реакција на нелегалниот избор на претседател на парламентот, се чини намерно темпирана во време кога пред парламентот се одвиваа едночасовните протести на граѓаните, кои се до тој момент цели 60 дена беа мирни и без најмал инцидент“, вели лидерот на опозициската партија.
Луѓето во Собранието влегоа од патриотски побуди. По неколку месеци кога видовме дека се ослободуваат голем број осудени лица за криминал, кога се најави и Закон за амнестија на над 1.000 затвореници меѓу кои голем дел за нанесување тешки телесни повреди, стана јасно дека имаме селективна правда спроведувана од оваа власт. Груевски смета дека е потребно сеопшто помирување, со закон да се ослободат од кривично гонење лицата кои влегоа во парламентот. Акцијата на МВР и на Обвинителството ја оценува како класичен политички и партиски реваншизам од СДСМ кон ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Смета дека е правна неоснована квалификација- тероризам, дело за кое е предвидена казна затвор од 10 години затвор, па до доживотен затвор. Со овој чин и официјално Македонија доби режим. Пратениците биле на своите работни места во Собранието, а не со бомби или пушки во рака. Луѓе кои влегле во Парламентот со државни знамиња на Македонија и кои пееле песни, а не убивале се прогласени за терористи.
„Целта е да се удри по ВМРО-ДПМНЕ како партија која се грижи за националните интереси на Македонците и на сите граѓани во Македонија. Да се ослабне партијата и нејзиното влијание, за да не може да дејствува во полн капацитет во времињата кои доаѓаат. Целта е да се отргне вниманието од други процеси кои следуваат. Целта е да се исплаши народот и на ништо да не реагира, што и да се случува. Но, многу брутално и безмилосно“, смета претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Можеби сега сето тоа им изгледа дека ќе помине и ќе се заборави, дека многу долго ќе се на власт, но времињата ќе се променат и еден ден длабоко ќе се каат за тоа. Народот ќе си ја врати државата. ВМРО-ДПМНЕ ќе го преживее и ова. Македонија исто така. Но, последици ќе има, заклучува Груевски во интервју за „Курир“.
Милчо Велески