Најмногу дожд во Крушево, водостојот на реките се стабилизира
Во изминатите 24 часа најмногу дожд наврна во Крушево, односно 17 литри на квадратен метар, а најмалку во Куманово, Охрид и Ѓуриште, само еден литар на квадратен метар, соопшти УХМР. Во Берово биле регистирирани 15 литри, а во Струмица 13 литри на квадратен метар. Намален е водостојот на реките, се преземаат мерки за нормализирање на состојбата со излевањето. Синоптичарите од вторник најавуваат пониска утринска температура и снег на планините...

Дождовите стивнуваат, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Врнежи се забележани на крајниот запад и исток од земјава. Од вторник, нѐ очекува постудено време и можни врнежи од снег на планините.
Дождот што паѓаше во изминативе четири денови предизвика зголемување на водостојот на Реката Вардар кај Велес од метар и половина. Иако водостојот на реките е во благо опаѓање, можни се локални излевања во горниот дел на Реката Вардар во Полошкиот регион, во сливот на Реката Треска кај Пласница и во сливот на реките Радика, Црн Дрим, Сатеска и Црна.
Според надлежните, идниот викенд нѐ очекува нов бран врнежи, но со послаб интензитет.
Ирина Гелевска
