Енергетска ефикасност

Под лупа на енергетските контролори и фазата на градба на згради

11.12.2017 15:38

Потребни се инвестиции од 300 милиони евра за енергетска ефикасност на зградите. За 5 до 8 години можат да се заштедат до 30 проценти од потрошувачката на енергија за греење и ладење, покажуваат анализите на Хабитат. Од Министерството за транспорт најавија- енергетската ефикасност ќе влијае и на ценовната политика на становите.

80 насто од станбените згради во Македонија се енергетски неефикасни. Потребни се инвестиции од најмалку 300 милиони евра, што за минимум пет години ќе отворат простор за заштеди вредни 60 насто од вкупната енергија за ладење и греење- проценуваат експертите. Потенцијал и за градежниот сектор.

„Со процесот за зголемување на енергетска ефикасност треба да се опфатат 10.000 до 12.000 згради изградени во изминатите 60 до 70 години. Станува збор за објекти изградени во период на планска економија кога е посветувано малку внимание на енергетската ефикасност. Тоа за нас претставува голем потенцијал за инвестирање во енергетска ефикасност која истовремено носи заштеда за сопствениците на станови, го активира градежниот сектор“, вели Зоран Костов, директор на Хабитат.

Лиценцираните енергетски контролори ќе добијат поголеми овластувања. Стандардите ќе бидат под лупа и во текот на градбата. Сега инвеститорите само во фаза на проектирање се должни да поседуваат документ за енергетска ефикасност за минимум Ц класа. Но, законот нема строги казнени одредби, па најчесто оние што градат не се придржуваат и објектите не се според бараните стандарди. Од Министерството за транспорт најавија законски интервенции. Ќе има нова категоризација. Според енергетскиот пасош ќе се креира ценовната политика. Становите во две згради на иста локација може да имаат различна цена.

„Праксата покажува дека иако постоечкиот закон пропишува новите објекти да поседуваат потврда за енергетски ефикасен објект, голем дел од нив во процесот на изградба не соодветствуваат со пропишаните стандарди за енергетска ефикасност. Затоа сметам дека новите законски решенија ќе бидат во насока на подобра контрола од процесот на проектирање па се до изградба на објектот, потенцирајќи дека крајната цел е граѓаните на добијат квалитетни енергетско- ефикасни објекти кои ќе заштедат енергија“, посочува Горан Сугарески, министер за транспорт и врски.

Ќе се формира и фонд за енергетска ефикаснот- парите ќе се слеваат од енергетските компании и од ЕУ фондовите. Ќе има и локални центри, по барање на граѓаните или фирмите ќе може да се ревидираат веќе изготвени проекти- основа за аплицирање прред банките за одобрување кредити.

Сузана Фиданска - Стоевска