САД- Русија

Податоци од ЦИА спречиле напад во Санкт Петербург

18.12.2017 10:31

Затоплување на релација Кремљ- Белата куќа. Рускиот претседател Владимир Путин во телефонски разговор му се заблагодари на американскиот колега Доналд Трамп за добиените разузнавачки информации од ЦИА со кои биле спречени терористички напади во Санкт Петербург. Заканата пристигнала од Таџикистан и Казахстан. Ова е втор телефонски разговор меѓу првите луѓе на двете суперсили само за неколку дена...

Податоци од ЦИА им помогнаа на руските безбедносни сили да осуетат планови на поранешни членови на Исламска држава за напад во Санкт Петербург. Една од целите во вториот по големина град во Русија, била и катедралата „Казањска Богородица“.  Засега се уапсени седум лица, а запленето е огромно количество експлозиви, оружје и литература. Годинава Русија се соочи со неколку напади, меѓу кои и априлскиот во подземната железница на Санкт Петербург во кој загинаа 14 луѓе.

„Ова е ацетон пероксид. Експлозив е. Планирав да извршам терористички напад. Требаше да создадам експлозив, да го ставам во шише и да го поврзам“, изјави осомничениот Евгениј Ефимов.

Рускиот претседател Владимир Путин му изрази благодарност на својот американски колега Доналд Трамп, потенцирајќи дека услугата би била возвратена доколку руските разузнавачи дознаат дека постои потенцијална опасност за американската територија.

Ова е вториот телефонски разговор меѓу двајцата лидери во последните три дена.  Нивниот однос претходно беше влошен поради истрагата за наводната руска вмешаност во претседателските избори на САД во 2016 година.

Според разузнавачките агенции, официјална Москва му помогнала на Трамп да влезе во Белата куќа. Путин ги негира обвинувањата.

 

Маја Филдишев