Виена

Австрија денеска добива нова влада

18.12.2017 12:52

За прв пат ултра десна партија влегува во владината коалиција на Австрија. Курц и Штрахе се договорија за новиот состав на кабинетот. Борбата против миграцијата и корупцијата- темели на функционирањето на австриската Влада...

Новата австриска влада на мандатарот Себастијан Курц денеска дава заклетва, а веќе утре одржува состаноци во Брисел, каде што ќе има средби со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск и претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер.

Кабинетот на најмладиот канцелар на светот има 16 членови- канцелари, 13 министри и двајца државни секретари. Од нив седуммина се на Народната партија, а шестмина на Партијата на слободните.

Курц минатиот викенд за време на презентацијата на програмата и на членовите на идната Влада најави дека Австрија нема да ги напушти единствените ставови и делувања на Европската унија, и истакна дека идната влада ќе биде јасно проевропска.

Единствениот член на новата влада кој е дел од онаа во заминување е Курц, кој досега беше мнистер за надворешни работи.

Надлежноста за Европската унија е преместена од Министерството за надворешни работи во Кабинетот на канцеларот кој ќе се занимава и со претседавање на Унијата и во другата половина од идната година.

Најавени се бројни демонстрации и протести на различни места во градот против учеството на претставниците на ФПО во владата, како и против одредени делови од програмата на новиот кабинет.

Полицијата најави воспоставување зона на забрана на влез и ќе биде затворена областа околу седиштето на Владата и зградата во која ќе биде положена заклетвата. Областа ќе ја обезбедуваат 1.500 полицајци, а издадено е и предупредување дека секој кој ќе се обиде да влезе ќе биде казнет со паричен износ од 360 евра или најмногу две недели затвор. На протестите се очекуваат повеќе илјади луѓе.

 

Марина Ристова