Затоплување на односите меѓу Москва и Вашингтон
Рускиот претседател Владимир Путин во телефонски разговор му се заблагодари на американскиот колега Доналд Трамп поради разузнавачки информации од ЦИА со кои бил спречен планиран напад во Санкт Петербург. Голем број од борците на Исламска држава од боиштата на Сирија се враќаат во Русија, која му помагаше на Дамаск да ги собори терористите...

Податоци од ЦИА им помогнаа на руските безбедносни сили да осуетат планови на поранешни членови на Исламска држава за напад во Санкт Петербург. Една од целите во вториот по големина град во Русија била и катедралата „Казањска Богородица“. Засега се уапсени седум лица, а запленето е огромно количество експлозиви, оружје и литература.
„Ова е ацетон пероксид. Експлозив е. Планирав да извршам терористички напад. Требаше да направам експлозив, да го ставам во шише и да го поврзам“, сведочи осомничениот Евгениј Ефимов.
Годинава Русија се соочи со неколку напади, меѓу кои и априлскиот во подземната железница на Санкт Петербург во кој загинаа 14 лица. Еден од поголемите проблеми со кои се соочуваат безбедносните сили се повратниците од сириските фронтови кои се бореа на страната на џихадистите против војската на Дамаск, поддржана од руските сили.
Рускиот претседател Владимир Путин му изрази благодарност на својот американски колега Доналд Трамп, потенцирајќи дека услугата би била возвратена доколку руските разузнавачи дознаат дека постои потенцијална опасност за американската територија. Ова е вториот телефонски разговор меѓу двајцата лидери во последните три дена.
Нивниот однос претходно беше влошен поради истрагата за наводната руска вмешаност во претседателските избори на САД во 2016 година. Според разузнавачките агенции, официјална Москва му помогнала на Трамп да влезе во Белата куќа. Путин ги негира обвинувањата.
Маја Филдишев
