Европа

Австрија доби нова влада

18.12.2017 15:32

За прв пат ултра десна партија влегува во владината коалиција на Австрија. Курц и Штрахе се договорија за новиот состав на кабинетот. Борбата против миграцијата и корупцијата- темели на функционирањето на австриската влада...

Новата австриска влада на мандатарот Себастијан Курц денеска даде заклетва, а веќе утре одржува состаноци во Брисел, каде што ќе има средби со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск и претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер.

Кабинетот на најмладиот канцелар на светот има 16 членови-канцелари, 13 министри и двајца државни секретари. Од нив седуммина се на Народната партија, а шестмина на Партијата на слободните. Нов министер за финансии ќе биде Хиртвиг Легер, за економија Маргарет Шрамбек, за образование Хајнс Фасман, за жени и семејство Џулијан Богнер-Штраус, за земјоделство и екологија Елизабет Кестингер, за ЕУ, медиуми, уметност и култура Гернот Блимел, како и со државниот секретар во Министерството за внатрешни работи Каролин Едштадлер. Вицеканцелар и министер за државна управа и спорт е Хајнс-Кристијан Штрахе, за внатрешни работи Херберт Кикл, за одбрана Марио Кунасек, за инфраструктура и сообраќај Норберт Хофер, за социјални прашања и здравство Беата Хартингер, надворешни работи Карин Кнајсел, а државен секретар за финансии ќе биде Хуберт Фухс.

Курц најави дека Австрија нема да ги напушти единствените ставови и делувања на Европската унија, и истакна дека идната влада ќе биде јасно проевропска.

Надлежноста за Европската унија е преместена од Министерството за надворешни работи во кабинетот на канцеларот кој ќе се занимава и со претседавање на Унијата и во другата половина од идната година.

Луѓето на бројни демонстрации и протести на различни места во градот протестираат против учеството на претставниците на ФПО во владата, како и против одредени делови од програмата на новиот кабинет. Областа ја обезбедуваат 1.500 полицајци, а издадено е и предупредување дека секој кој ќе се обиде да влезе ќе биде казнет со паричен износ од 360 евра или најмногу две недели затвор. На протести повикаа здружението на студентите, на учениците како и левичарски организации.

 

Марина Ристова