Генерално собрание на ООН: Вонредна седница за Ерусалим

21.12.2017 12:56

Генералното собрание на Обединетите нации свика вонредна седница за нацрт-резолуцијата за Ерусалим која веќе беше блокирана од Соединетите Американски Држави во Советот за безбедност. Белата куќа се закани со финансиски санкции на сите кои ќе гласаат против одлуката на претседателот Трамп. Едностраното прогласување на Ерусалим за израелска престолнина предизвика серија протести и насилства...

По барање на некои арапски земји и држави со мнозинско муслиманско население, Генералното собрание на Обединетите нации свика вонредна седница поради американското признавање на Ерусалим за израелска престолнина. За време на гласањето во Советот за безбедност за нацрт-резолуцијата против едностраното прогласување на статусот на градот, САД ставија вето на документот со кој се бараше отповикување на одлуката на Вашингтон. Во резолуцијата се наведува и дека земјите не треба да ги лоцираат дипломатските мисии во Ерусалим. Американскиот претседател Доналд Трамп најави финасиски санкции за сите кои ќе гласаат против САД.

„Нека гласаат против нас. Не е важно. Овој пат нема да биде како порано кога гласаа против нас и потоа ние им дававме стотици милиони долари. Нема да нѐ користат веќе“, изјави претседателот на САД, Доналд Трамп.

Потегот на Трамп предизвика тектонски промени во политиката на Блискиот Исток, резултираше со револт и протести во светот, и секојдневни насилства на окупираните палестински територии.

Израел го смета Ерусалим за свој главен град и инсистира во него да бидат сместени сите амбасади. Палестинците, пак, бараат престолнината на нивната независна држава да биде источниот дел од градот, кој во 1967 година беше освоен и анектиран од нивниот вечен противник.

 

Маја Филдишев