Ќе се формира тело за судска етика
Ќе се креира тело за судска етика по холандски терк. Истражувањето на Институтот за демократија покажало дека 85 насто од анкетираните граѓани очекуваат подобрување на судскиот систем...

Судиите во Македонија ќе формираат тело за судска етика по теркот на холандското. Се планира во наредните 15 месеци да ја подигне свеста кај судиите. Сепак, ќе може да дава само мислења за етичката одговорност.
„Мислењата на телото немаат обврзувачки карактер, тие ќе имаат превентивен карактер во одредени ситуации. Судиите ќе можат да се обратат превентивно, да прашаат дали евентуално некои однесување би било етичко или не, потоа ќе може да се покрене инцијатива да се расправа за конкретно однесување на судија“, вели Џемали Саити, претседател на Здружението на судии на Македонија.
Етиката и интегритетот се основа на јавната администрација, особено во судството. Затоа го поддржуваме овој проект, изјави холандскиот амбасадор во Македонија.
„Независноста и прописното функционирање на правосудството е најбитно, бидејќи влијае врз животот на граѓаните, но и во нивната доверба која ја имаат врз функционирањето на правосудството. 72 отсто од испитаниците сметаат дека политичките, но и семејните врски имаат влијание врз тоа кој станал претседател на судовите“, изјави Вилем Ваутер Пломп, амбасадор на Кралството Холандија во Македонија.
Најновата анкета на Институтот за демократија покажала дека 85 проценти од граѓаните очекуваат подобрување на судскиот систем.
Ирина Гелевска
