Католиците и дел од православните го слават Божик
Традиционално, во Македонија централната прослава по повод празникот се одржа во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, каде синоќа имаше божикна полноќна света литургија.

Католичките верници и дел од православните христијани, кои се водат според Грегоријанскиот календар денеска го одбележуваат Раѓањето Христово - Божик. Традиционално, во Македонија централната прослава по повод празникот се одржа во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, каде синоќа имаше божикна полноќна света литургија.
На литургијата присуствуваа и претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, со сопругата, вицепремиерите за економски прашања и за европски прашања, Кочо Анѓушев и Бујар Османи, министерот без ресор задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми, Цветанка Ласкова, советничка за култура на премиерот, претставници на дипломатскиот кор, политички партии, верски заедници.
Божик денеска слават и Грчката, Бугарската, Романската, Украинската и Грузиската православна црква, кои го прифатија Грегоријанскиот календар. Преостанатиот православен свет кој се води според Јулијанскиот календар, меѓу кои и Руската, Српската и Македонската православна црква, Ерусалимската патријаршија, како и дел од монасите на Света Гора, Божик ќе го одбележат на 7 јануари.
