Иванов: Законот за јазиците ја загрозува унитарноста на државата
Постизборното коалицирање и формирањето нова Влада стана заложник на постизборна платформа од туѓа држава, загрозувајќи ги темелните вредности на Македонија. Тиранската платформа беше причина за политичката криза, која прерасна во Уставна, рече во обраќањето пред пратениците претседателот Иванов. Шефот на државата се осврна на Законот за јазиците, за членството во НАТО и ЕУ, и за името. Во салата присутни и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ...

Неопходна е беспоштедна борба против корупцијата и организираниот криминал. Секој треба да биде одговорен за своите постапки. Правдата да не ја сведeме на политички реваншизам и лична одмазда, зашто таа води кон нова омраза, порача претседателот Ѓорге Иванов во обраќањето. Вели, сме имале и ќе имаме промена на власт, но не смееме да имаме политички прогон. За насилството во Законодавниот дом, Иванов вели дека треба да се утврди одговорност.
„Правото на одбрана, имунитет и пресумпција на невиност кои се во основата на секоја демократија. За жал, видовме пратеници со лисици без симнат имунитет и граѓани од „Заедничка Македонија“ обвинети за тероризам. Не можам, а да не ги поддржам оние кои повеќе од два месеци на мирен и достоинствен начин искажуваа грижа за државните интереси на Република Македонија. Бидејќи, дел од нивните барања беа и мои барања“, рече претседателот Иванов во обраќањето.
Ја поздравувам посветеноста на Владата на процесот на изнаоѓање на решение за прашањето за името. Надминувањето на ова прашање ќе влијае на стабилноста и просперитетот на целиот регион, рече шефот на државата. Повика на претпазливост и на придржување до рамката во која се водат разговорите. Мора да продолжиме да инсистираме на почитување на меѓународното право и меѓународно- преземените обврски, рече Иванов.
„Поради моето осумгодишно искуство, јас не сум ниту оптимист ниту песимист, туку реалист со искуство. Реалноста е дека решението за прашањето на името стана заложник на бирократијата на НАТО и ЕУ. Затоа, решение за разликата околу името со Грција може да се бара само во рамките на Обединетите нации, каде сме рамноправни. Заемно прифатливото решение мора да го почитува нашиот национален идентитет. Не може да се лицитира со идентитетот на граѓаните и уставното име на државата“, вели шефот на државата.
Иванов ја поддржува иницијативата за преточување на Декларацијата за добрососедство во Договор за пријателство и соработка со Бугарија. Осврнувајќи се на Законот за јазиците, претседателот Иванов вели дека нема прецизна терминологија за тоа што е официјален, што службен, а што јазик во службена употреба. Ваквата непрецизност неминовно ќе се одрази на спроведувањето, рече шефот на државата.
„Оние кои тврдат дека предлог- законот е во согласност со Уставот и законите, ќе ги прашам: во согласност со чиј Устав и чии закони? Како претседател во мојот кабинет имав консултации со правни експерти, уставни судии, академици, универзитетски професори, лингвисти. По извршените консултации можам да кажам дека Законот за јазиците не преставува закана по македонскиот јазик. Тој преставува закана по унитарноста на државата. Овој предлог- закон го крши најголемиот закон на државата, а тоа е Уставот на Република Македонија“, нагласи претседателот Иванов.
Жариштето за политичката криза е лоцирано во Управата за безбедност и контраразузнавање и нејзинот оддел за техничка поддршка, вели шефот на државата, додавајќи дека оние кои треба да се реформираат сега ги водат реформите.
Според него, охрабрува што Владата најавила конечно, во 2019-та година спроведување на попис на населението што ќе овозможи реална слика за внатрешно-политичка состојба, и основа за правата и обврските на граѓаните. Во собраниската сала присутни беа пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, а на галеријата- дипломатскиот кор.
Наташа Гркова- Петрушевска
