Мицкоски на средба со Заев во Владата

26.12.2017 15:24

Лидерот на ВМРО- ДПМНЕ, Христијан Мицкоски попладнево во Владата ќе оствари средба со премиерот Зоран Заев...

Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев и новоизбраниот претедател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска во Владата ќе ја имаат првата лидерска средба.

По завршување на говорот на претседателот Иванов имав куртоазна средба со премиерот Зоран Заев на која побарав денеска да се видиме и веднаш добив позитивен одговор, така што договоривме во 16 часот да оствариме една кратка средба на која што ќе ги дефинираме идните насоки и правци на делување и на опозицијата и на власта, рече Мицкоски.

Очекувам голема конструктивност од страна на власта, бидејќи таа ја има целокупната одговорност. Тука, се разбира, е и опозицијата да ја додаде таа вредност, но ние треба заеднички да ги договориме кои би биле и само за интересите на граѓаните, изјави новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ.

По средбата, потврди Мицкоски, ќе биде отворена внатрепартиска дебата и дијалог во партиските структури и меѓу пратениците, по што ќе бидат дефинирани сите натамошни чекори на партијата. Од оваа дебата треба да произлезе и ставот дали пратениците ќе се вклучат во работата на Парламентот.

Влатко Ѓорчев, веќе и официјално од денеска е привремен координатор на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието. Засега, остануваат деветте пратенички групи.