Судењето за „Траекторија“ одложено за 31-ви јануари

26.12.2017 15:42

Судењето за „Траекторија“ е одложено за 31-ви јануари. Судијката е распоредена во друг оддел. Рочиштето ќе почне од почеток. Доказите на Специјалното јавно обвинителство се преведени, одбраната ќе ги подигне денеска за да може да направи увид до следното рочиште...

„Во случајот на Заев, судиите му се извинуваат што го малтретирале да дојде во судот и ги закажуваат рочиштата на многу долги периоди, а во овој случај имаме различна ситуација. Измислија причини за истраги и за обвинение, а немаат докази. Се вршат притисоци, со цел да се внесе страв кај судиите.“ Ова го изјави поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, откако се одложи судењето за кинеските автопати- случајот „Траекторија“. Груевски, обвини дека против него и сопартијците се врши политички прогон.

Посочи дека бил извршен притисок и врз Апелацискиот суд за да ги прифати, како што рече, креираните разговори како доказ во постапките против него, иако материјалите биле незаконски.

Груевски во судница дојде со десетина минути задоцнување, откако се одложи главната расправа. Судењето за случајот „Траекторија“ што го отвори СЈО, се одложи поради промена на судечкиот совет. Се очекува да почне отпочеток на наредното рочиште закажано за 31-ви јануари.

Партиската четворка – Груевски, Јанакиески, Пешевски и Георгиевски се обвинети дека во постапката за избор на компанија за изградба на  автопатите Кичево- Охрид и Миладиновци- Штип ги пречекориле овластувањата, со што, според обвинителството, го оштетиле Буџетот за повеќе од 155 милиони евра.

 

Анита Димитријевска