Реакции

Говорот на Иванов за СДСМ срамен, за ВМРО-ДПМНЕ државнички

26.12.2017 16:15

Реакции по говорот на претседателот. Социјалдемократите сметаат дека иванов не успеал да даде придонес за надминување на конфликтите. Критики и од ДУИ- сметаат дека испратил збунувачки пораки. За ВМРО-ДПМНЕ, обраќањето било содржајно и државничко...

Парламентарните партии со различни ставови за годишното обраќање на претседателот на државата Ѓорге Иванов. Од владејачката СДСМ со оценка дека шефот на државата ја испуштил шансата да излезе од тесно партиските рамки и да се надмине себеси за да даде придонес кон националното помирување. Социјалдемократите со став дека Иванов не успеал да ја надмине реториката на поделби и конфликти и не се спротивставил за овие десет години на партизацијата на општеството и на судски- полициски монтирани процеси.

Новоизбраниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој говорот на Иванов го проследи во Собранието, рече дека станува збор за содржајно обраќање и сопствено гледиште на шефот на државата. Според него обраќањето ги опфати сите теми кои изминатата година беа актуелни.

Од ДУИ со порака дека за говорот имаат над 26 забелешки, особено во делот за Законот за јазици. Според координаторот на пратеничката група на интегративците, претседателот Иванов требало да биде пример за кохезија на меѓуетничките и добрососедските односи. Тој смета дека е скандалозна изјавата на Иванов за соседите и рече дека тој треба да им се извини за коментарите кон Косово и Приштина.

И од Владата преку соопштение оценија дека Иванов останува заробен во делбите во време кога земјата е свртена кон обезбедување благосостојба на своите граѓани.

 

Игор Панов