Скопје

Загадувањето повторно оди во екстреми

26.12.2017 16:45

Делови од Скопје повторно загадени. Од први јануари до март идната година, Град Скопје ќе забрани достава на стока во потесното градско подрачје од 7:30 до 18 часот. Ова е една од 15-те итни мерки за намалување на загаденоста на воздухот. Според анализите, четири илјади возила дневно доставуваат стока во центарот...

Скопјани повторно дишат загаден воздух. Аерозагадувањето со ПМ-10 честичките е над максимнално дозволените концентрации. Граѓаните велат дека чуствуваат последици по нивното здравје.

„Конкретно мене ми смета при дишењето бидејќи имам проблеми со притисокот, имам проблеми со срцето, и тоа како ми смета.“

„Потешко се дише... Дали има година дена или сто години, луѓето имаат проблеми. Зошто носат маски, си имаат проблеми“, велат граѓаните кои ги анкетиравме.

Дeца со кашлицa, респираторни инфекции. Ординациите на педијатрите преполни.

„Загадениот воздух го појачува кашлањето, се случуваат чести респираторни инфекции, особено кај дечињата што се осетливи, со астма или опструктивни бронхити, во овој период кога имаме загаден воздух, симптомите знаат да бидат уште поизразени“, вели Славица Тодоровска, педијатар.

Забранатa за достава на стока ќе стартува од први јануари и ќе важи до март од 7:30 до 18 часот. Оваа одлука е една од мерките на Град Скопје за намалување на загадувањето на воздухот.

„Одлуката се однесува за запирање за доставување стока во наведениот период, а не се однесува на движењето на возилата што ја доставуваат. Дополнително, оваа забрана не се однесува на фирмите што имаат сопствен простор за доставување стока, туку само за оние што за доставата користат улица или тротоар“, изјави Ваљон Салиху, портпарол на Град Скопје.

Чистење на Скопје, наскоро нов концепт за јавен превоз, усогласување на деталните урбанистички планови на општините со генералниот урбанистички план за да може да се стопира дивеењето во градбата, и забрана за работа на печките во Дрисла во критични денови. Ова се дел од мерките кои беше најавено дека ќе се преземаат против загадувањето.

Најавено е и во текот на јануари дел од средните училишта да бидат со прочистувачи на воздух во училниците, со што училиштата би биле поздрава средина за децата.

 

Ана Јосифоска- Тодоровска