Земјоделците ја очекуваат зелената нафта
Зголемувањето на акцизата за 3,5 денари на дизел горивото го подели мислењето на земјоделците. Едни сметаат дека ќе имаат поголеми трошоци, а други пак дека тоа нема да има големо влијание. Фармерите очекуваат субвенцијата за зелената нафта да го амортизира негативниот ефект.

Земјоделците се поделени околу предвиденото зголемување на акцизата на нафтата од оваа година. Едни велат дека тоа нема да има големо влијание врз вкупните трошоци, а други бараат Владата да ја преиспита ваквата одлука и да не важи за земјоделците.
Иако сѐ уште немаат конкретни анализи, земјоделците сметаат дека зголемувањето на акцизата ќе има негативни импликации, но со воведување на зелената нафта тие ќе бидат намалени.
Од Министерството за земјоделство посочија дека зголемувањето на акцизата на нафтата не треба да ги загрижува ни земјоделците ни потрошувачите, зашто нема да предизвика поскапување на земјоделските производи.
Со воведувањето на поевтината зелена нафта, чие законско решение наскоро ќе влезе во владина процедура, трошоците за земјоделското производство ќе бидат значително намалени.
Методија Трајков
