Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ е против промена на уставното име
Претседателот на ВМРО- ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на прва дебата на јавниот сервис. Најави нови партиски тела, Совет на претседателот и на Извршниот комитет, но и нови политики и квалитет на политичката сцена. Побара двонасочност во конструктивноста со власта. Едно од идните дејствувања ќе биде изготвувањето Закон за амнестија за притворените од собраниските настани на 27-ми април...

ВМРО-ДПМНЕ е против промена на Уставот со цел промена на името. Потребно е достоинствено решение и што побрзо затворање на проблемот, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервјуто за МТВ. Посочи дека без разлика на тоа какво решение ќе се постигне, граѓаните ќе треба да се изјаснат на референдум. Мицкоски вели дека досега никој не го поканил да биде дел од процесот за изнаоѓање национален консензус за името.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе бидат конструктивна опозиција, но дека конструктивноста мора да биде двонасочна. Засега не е познато кога ќе се врати пратеничката група во Парламентот.
Повтори дека ги осудуваат настаните од 27-ми април, но додаде дека причината за насилставата биле предизвикани од начинот на изборот на новиот претседател на Собранието. Во интервјуто за јавниот сервис најави Закон за амнестија за притворените.
Во наредниот период, ВМРО-ДПМНЕ ќе понуди нови политики и пристапи соодветни на современа десно народна партија.
Мицкоски најави промени во Извршниот комитет, но и дека ќе работи на обединување, за да се застане на, како што рече, штетната политика на владата на СДСМ, што доведе и до крајно лоша состојба во економијата.
Ирина Гелевска
