Џоломарите во Бегниште и Ресава: Традиција која се пренесува од колено на колено

05.01.2018 12:37

За Василица се вадат Џоломарските маски, се бркаат лошите духови, се игра за поплодна година. За да дојдат во Бегниште, гостите мора да им платат на Ресавските џоломари за да поминат низ селото. Иако е обичајот пагански, мештаните се гордеат со него...

Со нетрпение се бројат деновите до Василица, се прават последните подготовки. Извадени се Џоломарските маски, клопотарците. Сите се во очекување на традиционалниот обичај. Секоја година на 14-ти јануари жителите во селата Бегниште и Ресава во Кавадаречко на специфичен начин ги бркаат лошите духови, играат за поплодна година.

Обичајот е пагански, но ние сме горди на него- раскажуваат мештаните. Велат, традицијата се пренесува од колено на колено, од татко на син. Се раздвижува зимското секојдневие.

Во ритуалот најчесто учествуваат околу 15 луѓе, меѓу кои две се невести и една е баба. Се бираат на третиот ден од Божик. Џоломарите се будат во раните утрински часови. Се подготвуваат. Ги облекуваат таканаречените чулавки, волнени чорапи, стават вештачки мустаќи и брада, опинци на нозете, го бојат лицето со црна пепел, за на крај да ги стават клопотарците и ѕвонците на својата половина.

На сред село се игра Џоламарското оро, на магаре се тргнува по куќи. Секоја домаќинка меси баник и ги дарува за здравје.

Интересно е тоа што гостите кои доаѓаат во Бегниште, мора да им платат на ресавските џоломари за да бидат пуштени да поминат низ селото.

За да се биде Џоломар, треба добра физичка подготовка, бидејќи маската е тешка, а активностите почнуваат од рани мугри до зајдисонце- раскажуваат учесниците.

 

Наташа Гркова- Петрушевска