Политика

Заев ќе учествува на форумот во Давос, сѐ уште не е прецизирана средба со Ципрас

05.01.2018 12:54

Премиерот Заев ќе учествува на Светскиот Економски форум во Давос. Тој е прв македонски политичар кој по 15 години учествува на овој престижен собир. Портпаролот на владата Бошњаковски вели дека сѐ уште не е прецизирано дали македонскиот премиер ќе има средба со грчкиот колега Ципрас. Во однос на прашањето со името владиниот гласноговорник изјави дека додека нема ништо конкретно, нема лицитирања со потенцијални имиња.

Премиерот Зоран Заев го потврди учеството на Светскиот Економски форум во Давос, информира Владата. Со ова, Македонија се враќа на форумот на светската политичка и економска елита после цели 15 години. Засега не е утврдена агендата за билатералните средби, па оттука е неизвесно дали ќе има состанок меѓу премиерите на Македонија и на Грција, Заев и Ципрас.

Портпаролот на Владата, Бошњаковски за последните случувања на релација Скопје- Атина изјави дека преговорите се водат транспарентно, под покровителство на ОН и на посредникот Метју Нимиц и дека не се разговара за потенцијално име.

Владата работи на враќање на довербата со грчката влада, во таа насока, рече Бошњаковски, немаат никакви предрасуди за сите отворени прашања со Грција, пред сѐ во интерес на граѓаните.

Последен пат Македонија на форумот во Давос учествуваше во 2003-та со делегација предводена од претседсателот Борис Трајковски, а на форумот учествувал и претседателот Киро Глигоров.

 

Фиљана Кока