Бадник и Божик

Црквата против палење бадникарски огнови

05.01.2018 15:19

Христијанските верници кои се водат по Јулијанскиот календар се подготвуваат за Бадник, ден пред Христовото раѓање. Утре собир пред Централниот храм во Скопје, низ улиците поворка од дечиња. Црквата апелира да не се палат бадникарски огнови...

Местото на празнување е во црквата, а не крај огновите- црквата со апел до верниците. Посочува дека овој обичај почнал да добива димензија што не е во духот на христијанската традиција. Отец Бобан Митевски вели дека порано сите оделе прво на служба во црквите, а потоа заедно излегувале надвор да го продолжат славењето на Бога палејќи оган во дворот да се стоплат. Сепак, натежнувала молитвена атмосфера, се пееле божикни песни кои последниве години се заменети со јадење, пиење, играње, музика.

„Често пати прашуваат зошто досега свештениците одеа, одеа за да го извршат чинот на прекршување на лебот, што кумот на таквото собирање го принесуваше, но свештениците, да потсетам, не учествуваа во огновите, во игрите...“, изјави отец Бобан Митевски.

Граѓаните со поделни ставови. За едни, Бандикарскиот оган е симбол и повод да се соберат, други не ги одобруваат.

„Нема да одам, така отецот советува...“

„Гледам има дрва кај нас, би требало да се пали оган.“

„Секогаш си доаѓам во храмот, на утрена и вечерна литургија, а на огнови не сум присутствувала“- велат верниците кои ги анкетиравме.

Поради енормното аерозагадување,  и локалните самоуправи апелираа да не се пали Бандикарски оган. Голем дел од општините решија оваа година да не ги финанасираат бадниковите огнови преку донација на дрва по месните заедници, сѐ со цел да се придонесе кон намалување на загаденоста.

Трпезата треба да е скромна, а не раскошна- советува црквата. Паричка се става за Василица.

„Паричката не се става во лепчето за Бадник, туку за Василица. Тоа е една традиција која е увезена во Македонија, која ако се разгледа традицијата на македонскиот народ, ќе се види дека не постоела. Не е важно она што се зборува, дека масата не треба да се крене, не е важно тоа, туку после посетата на црквата и богослужението, седнуваме сите на трпеза заедно, вечераме, легнуваме, за утре одморени, повотрно да станеме и да отидеме на литургијата на Божик, која што е многу важна“, вели отец Бобан Митевски.

Годинава, околу седум илјади дечиња ќе ја пеат божикната песна со која ќе го најават христовото раѓање. 

 

Ана Јосифоска- Тодоровска