Јавна седница за жалбите на притворените за собраниските настани
Апелација на јавни седници за притворот за дел од осомничените за собраниските настани. Обвинителството предлага поблага мерка за актерот Владо Јовановски. За уште двајца се бара да се потврди одлуката на кривичниот совет...

Затворскиот притвор на актерот Владо Јовановски да се укине и да му се определи поблага мерка. Вишото јавно обвинителство побара од Советот на скопска Апелација да ја уважи неговата жалба. Претходно адвокатите на актерот елаборираа дека станува збор за угледен човек кој меѓународно ја афирмирал македонската култура, кој нема намера да бега и да ја попречува истрагата, нема да го повтори делото или да влијае на сведоците. Што ќе реши тричелениот судечки совет, ќе се знае во текот на утрешниот ден.
На јавни седници се разгледаа уште две жалби. На полицаецот Оливер Поповски и на Горан Ѓошевски кој бил лично обезбедување на порашениот собраниски спикер. Нивните бранители истакнаа дека станувало збор за професионалци, без дамки во работењето, семејни луѓе кои не правеле проблеми, поради што требало да им се овозможи да се бранат од слобода. Обвинителот пак побара да се потврди одлуката на Кривичниот совет и на двајцата им се продолжи притворот.
Притворените се товарат за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. По барање на обвинителството зад решетки завршија и тројцата прaтеници Крсто Мукоски, Сашо Василевски и Љубен Арнаудов, а истрага се води и против поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков како и организаторите на протестите „За заедничка Македонија“, Борис Дамовски, Игор Дурловски и Богдан Илиевски.
Анита Димитријевска