Седници во Апелација за поднесените жалби на притворите за Чавков, Дурловски, Пепиќ и Лазаров

11.01.2018 16:38

Јавни седници во Апелација за поднесените жалби од Чавков, Дурловски, Пепиќ и Лазаров, осомничени за собраниските настани од 27-ми април. Одбраната побара затворскиот притвор да им биде заменет со поблага мерка...

Апсурдно е човек кој 30 години работи во полицијата и се грижи за безбедноста да биде вовлечен во обвинение за тероризам, изјави екс министер за внатрешни работи Митко Чавков на седницата во Апелацискиот суд кадешто се одлучува по неговата жалба за укинување на притворот.

Рече дека работел професионално, раководел со сложена и одговорна операција, во која како што наведе, дал клучен придонес за спасување на животите на пратениците.

Освен на Чавков, Судечкиот совет разгледа уште три жалби на осомничените за собраниските настани, меѓу кои и таа на оперскиот пејач Игор Дурловски. Неговиот бранител истакна дека станувало збор за чесен човек, кој нема намера да бега па побара затворскиот притвор да се замени со поблага мерка за обезбедување присуство.

Разузнавачот Мунир Пепиќ кој е под истрага за истото дело, појасни дека кобниот ден и облекол лекарски мантил на пратеничката Шекеринска и ѝ помогнал да ја евакуираат. Побара да му се укине притворот и да се брани од слобода.

За терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста во притвор се 23-ца. Жалби до второстепениот суд поднеле 19 од нив.

Анита Димитријевска