Апелациски суд

Василевски не дојде на седницата на која се разгледуваше неговата жалба

12.01.2018 14:36

Притворениот пратеник Сашо Василевски не дојде во скопска Апелација на јавната седница на која се разгледуваше неговата жалба за продолжување на притворот. Одбраната тврдеше дека Василевски можел да избега ако сакал, но се вратил кога дознал за обвинението. Вишата јавна обвинителка со став дека тој може да влијае на сведоците затоа што истрагата сѐ уште не е завршена.

Пратеникот Сашо Василевски не дојде на јавната седница. Побарал неговиот адвокат да образложи зошто пред скопска Апелација ја обжалува одлуката на Кривичниот суд за продолжување на притворот.

Неговиот бранител Александар Новаковски побара на Василевски да му се укине мерката притвор и тој да се брани од слобода, или, пак, да му биде изречена поблага мерка.

„Сашо не е казнет ниту за сообраќаен прекршок, гарантирам дека редовно ќе се јавува во судот“- рече Новаковски. Додаде дека судот ја прекршил постапката за одземање на неговиот имунитет. „Ако сакал, Василевски имал осум месеци и можел да избега. Сашо се врати од Бугарија кога дозна дека е осомничен за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“- наведе Новаковски. Според него, одлуката за притвор на Сашо Василевски е одлука против 60 илјади граѓани кои гласале за него.

На неговите наводи, вишата јавна обвинителка Наталија Тасева одговори -„ако пратениците се избрани и ги претставуваат граѓаните, не значи дека може да се однесуваат како што сакаат и да го кршат законот. Василевски не можел да влијае ниту да бега претходно, зошто не ни знаел дали и за што ќе биде обвинет“, рече тасева. Побара притворот да остане, затоа што, како што рече, Василевски може да влијае врз сведоците кои се повикани да дадат искази во истрагата што е во тек и не е завршена.

За Василевски има видео снимки од безбедносните камери во Собранието, на кои се гледа дека тој ги тргнува препреките на влезните врати и ја пушта толпата да влезе во законодавниот дом на 27-ми април.

Фиљана Кока