Самит во Ванкувер за Корејскиот Полуостров

Построги санкции за Северна Кореја поради контроверзната нуклеарна програма

17.01.2018 12:50

20 делегати од Европа и Азија се договорија да го зголемат притисокот врз Северна Кореја поради контроверзната нуклеарна програма. Учесниците на Самитот во Ванкувер го поздравија воспоставениот дијалог на Корејскиот Полуостров, но не се откажаа од планот за заострување на казнените мерки за Пјонгјанг, доколку Владата на Ким Јонг Ун не ги почитува меѓународните правила. Соработка побараа и од Кина и Русија, главните сојузници на Северна Кореја, кои го бојкотираа форумот...

Канада и САД бараат построги санкции за Северна Кореја, повикувајќи го Пјонгјанг да се откаже од нуклеарното оружје и да се насочи кон помирољубива иднина. По целодневните разговори на министрите за надворешни работи од 20 европски и азиски држави, со исклучок на Кина и Русија, беше заклучено дека дипломатијата останува опција којашто ќе се претпочита и во иднина во однос на севернокорејското прашање.

„Во светот не постои производство на оружје и материјали за масовно уништување на ниво на програмата на Северна Кореја. Не смееме да стоиме настрана и да дозволиме да продолжи заканата“, изјави Кристија Фриленд, министер за надворешни работи на Канада.

„Притисок ќе вршиме сѐ додека  Пјонгјанг не преземе конкретни чекори за денуклеаризација. Да бидам попрецизен, ние нема да дозволиме Северна Кореја да ни ја дестабилизра решителноста или солидарноста“, нагласи државениот секретар на САД, Рекс Тилерсон.

Јапонија и Јужна Кореја го поддржаа планот за заострување на поморските санкции за да се спречи транспорт меѓу бродовите, кој се смета за тактика на Северна Кореја за заобиколување на контролата и  за набавка на прехранбени производи. Но, настапија со малку поинаков тон, поздравувајќи го дијалогот на Корејскиот Полуостров, инициран поради Зимската олимпијада во Јужна Кореја.

„Обидите на меѓународната заедница вродија со плод. Мора да забележиме дека Северот се врати во корејскиот дијалог поради учеството на Зимската олимпијада. Притисоците и санкциите почнуваат да имаат ефект“, рече Канг Кјунг Ва, министер за надворешни работи на Јужна Кореја.

„Северна Кореја продолжува да ги усовршува нуклеарната и ракетната програма и во овој момент додека зборуваме. Не смее да нѐ заслепи нивната агенда на шармирање и ласкање на противникот. Не е време да го намалиме притисокот, ниту да ја наградиме оваа земја“, изјави Таро Коно, министер за надворешни работи на Јапонија.

„Одлично е што се водат разговори. Постои олимписко примирје, идеја од Антиката. Но секогаш на крајот на тие олимписки примирја работите се враќале на старото. Се надевам дека народот ќе сфати дека програмата на Северна Кореја продолжува“, истакна министерот за надворешни работи на Обединетото Кралство, Борис Џонсон.

Учесниците на меѓународниот самит во Ванкувер потенцираа дека и Кина и Русија, најважните сојузници на Северна Кореја, треба да спроведуваат ригорозни санкции за да се спроведе дипломатско решение. Но, овие две постојани членки на Советот за безбедност на ОН го прогласија самитот за нелегитимен и некоректен обид да се наметнат американските ставови преку уцена и наредба.

 

Маја Филдишев