Тетовчанка заработи кривична пријава за измама

24.01.2018 12:20

Полицијата ја сомничи дека им наштетила на петмина, ветувајќи им вработување. Со лагите заработила 1.980 евра, 100 американски долари и 37.000 денари.

47- годишна тетовчанка заработи кривична пријава за измама. Полицијата ја сомничи дека им наштетила на петмина, ветувајќи им вработување. Со лагите заработила 1.980 евра, 100 американски долари и 37.000 денари. Тетовчанка, нејзина жртва, пред два дена пријавила дека е измамена од осомничената. И ветила вработување на нејзините два сина во државна администрација за паричен надоместок, убедувајќи ја дека има контакти со влијателни владини функционери, конкретно со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Наводно ги обезбедила потребните документи за вработување, но бидејќи едниот син имал само средно образование, се понудила за надокнада од 500 евра да му обезбеди диплома за високо образование, а за уште 100 американски долари за патна исправа на сопругот.

Откако ги исплатила парите, оштетената повеќе пати контактирала со осомничената, но немала повратен одговор. При распитот, измамничата го признала делото и кажала дека на ист начин земала пари од уште четири лица од Тетово и од Куманово, ветувајќи им дека ќе ги вработи како наставници во основни и средни училишта и други работни места.