Бошњаковски: Средбата во Давос е исчекор напред кон решение за спорот за името
Средбата во Давос на премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас е исчекор напред кон решение за спорот за името, изјави на прес- конференција владиниот портпарол Миле Бошњаковски. Потврди одржување лидерска средба на која релевантните политички фактори во земјава ќе бидат информирани за преговарачкиот процес...

По средбата на премиерите Заев и Ципрас во Давос, лидерска средба во Скопје за најновата рамка на медијаторот во спорот со името Метју Нимиц, иницирана од македонското МНР. Целта на состанокот, според најавите од Владата, е да се информираат релевантните политички фактори во Република Македонија за предлогот на амбасадорот Метју Нимиц, кој произлезе од последната средба со македонскиот и грчкиот преговарач во Њујорк. Од Владата велат дека почнат е процесот на анализа и на координација.
„Очекуваме да изградиме широк национален консензус. Кабинетот на министерот за надворешни работи е во координација со Кабинетот на претседателот Иванов за организација на средба за рамката на која ќе бидат присутни повеќе политички субјекти. Датумот за средбата во моментов сѐ уште не е прецизиран, но, ќе се случи наскоро. Сите овие елементи водат во позитивна насока, сметаме и дека и во Атина има политичка волја ова прашање да се затвори“, изјави владиниот портпарол Миле Бошњаковски.
Од Кабинетот на Иванов потврдија дека претседателот ќе присуствува на средбата на која ќе се разговара за рамката на медијаторот Нимиц. На средбата ќе присуствува и ВМРО- ДПМНЕ. До партијата пристигнала покана и партиска делегација ќе учествува на разговорите.
ВМРО- ДПМНЕ во неколку наврати го повтори ставот дека опозицијата е целосно исклучена од процесот и нема никакви релевантни информацииза текот на разговорите.
Викторија Милевска
