Стручните служби на ДИК подготвени за еветуален референдум, недостасуваат членовите
Државната изборна комисија ги отвори вратите за граѓаните. Иако недостасуваат осум членови на ДИК, стручните служби се приклучија кон Глобалниот ден на изборите и организираа прв отворен едукативен ден за граѓаните, кои најмногу се интересирале за проверка на избирачкиот список...

Стручните служби на Државната изборна комисија се подготвени за евентуален референдум или избори, недостасува само главната алка- членовите. Огласот сѐ уште не е распишан, а нивниот избор го врши Собранието.
Во ДИК, на Глобалниот ден на изборите велат дека службите се подготвени за спроведување на каков било процес, но членовите на ДИК се тие кои го имаат последниот збор. Иако комисијата е блокирана, службите работат под полна пареа на евалуација на локалните избори, но и на подготовките за претседателските идната година.
„Во однос на распишувањето на референдум на државно ниво, согласно Изборниот законик и Законот за референдум и други облици за непосредно изразување, референдум на национално ниво спроведува ДИК. Стручната служба согласно Изборниот законик е формирана за администрационо- технички и организациони работи на ДИК“, изјави портпаролот Љупка Гугучевска.
Додека недостасуваат осум членови на Државната изборна комисија, стручните служби организираа отворен ден за граѓаните. Од нив најмногу интерес за проверката во избирачкиот список. Ваквите отворени денови ќе придонесат за подигање на квалитетот на целиот изборен процес, сметаат во ДИК.
Мили Ристески
