Нимиц: Има разлики во ставовите меѓу двете земји, но јас сум оптимист

01.02.2018 14:56

Има разлики во ставовите меѓу двете земји, но јас сум оптимист, изјави медијаторот Метју Нимиц по средбите со претседателот Иванов, премиерот Заев и со шефот на дипломатијата Димитров. Ако има достоинствен начин што ги почитува идентитетотот и достоинството на двете страни, ќе најдеме прифатливо решение, изјави министерот за надворешни работи Никола Димитров...

Нема многу време и треба да се искористи позитивниот момент да се донесе решение, изјави посредникот во разговорите за разликата за името Метју Нимиц, по средбите со државниот врв во Скопје. Оцени дека има разлики во ставовите на двете страни, но е оптимист дека може да се најде заемно прифатливо решение.

„Верувам дека е дојдено време да се донесе одлука. Преговорите нема да станат полесни во иднина. Тоа значи мора да се соочиме со прашањата. Имаме две влади со компетентни дипломати и одлучни лидери. Тоа е од помош и треба брзо да се придвижиме напред кон решение. Мислам дека во следните меколку месеци ќе видиме дали ќе биде постигнат напредок или не“, рече посредникот на ОН, Метју Нимиц.

„Разговаравме детално и сериозно, му кажав дека таму има идеи кои не се така лоши, му кажав исто така дека таму има идеи ки не се така добри, и кои создаваат кај нас загриженост“, изјави шефот на дипломатијата Никола Димитров.

Медијаторот повтори дека негова улога е посредништво за името и за употребата на името, а не за идентитетот. Шефот на македонската дипломатија дециден- нема разговори за промена на идентитетот.

„Не сум чул ништо од грчка страна што би значело порекнување на идентитетот на народот тука. Верувам дека решението, кое е можно, е конзистентно со зачувувањето, па дури и јакнењето на идентитетот“, изјави Нимиц.

„Ако дојдеме до таа точка за решние да треба да се допре иднетитетот, за жал нема да има решение. Но, ќе биде многу жално ако две европски држави во 2018-та година не се доволно големи тоа не го препознаат“, рече Димитров.

По средбите во Атина и во Скопје, Нимиц оцени дека процесот оди напред. Од македонската страна слушнал дека иако ова е чувствително прашање, можно е решение за името што ќе ги зачува достоинството и идентитетот на двете страни.

Медијаторот Нимиц прогнозираше дека наредните два месеца се клучни за да се види дали е можно да се постигне заемно прифатливо решение.

Предходно, посредникот на Обединетите нации на имаше одвоени средби со претседателот Иванов и со премиерот Заев.

 

Ирина Гелевска