За отворање рудници граѓаните да се изјаснуваат на референдум
Еколошките асоцијации и иницијативи предлагаат спроведувањето референдум да биде обврска на локалните власти, која би требало да се спроведе во рок од два месеца, по доставувањето на предлог - одлуката...

Триесет и три еколошки организации и граѓански иницијативи од целата земја упатија отворено писмо до Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија. Тие изразуваат целосна поддршка на измените и дополнувањата на Законот за минерални суровини предложени од група пратеници, со кои се забранува користење штетни соединенија во рудниците, но иницираат и амандман на текстот на предложениот закон.
Со него би било задолжително организирањето референдум, како услов што мора да биде исполнет во постапката за доделување концесија за експлоатација на минерални суровини, по барање на заинтересирана компанија.
Еколошките асоцијации и иницијативи предлагаат спроведувањето референдум да биде обврска на локалните власти, која би требало да се спроведе во рок од два месеца, по доставувањето на предлог - одлуката од Министерството за економија до Советот на општината.
