Цветковски: Заокружување на процесите за модернизација и развој на МРТ

14.02.2018 15:19

Директорот на МРТ, Цветковски во писмена изјава се заблагодарува за укажаната доверба и можноста и во идниот период да управува и да ги заокружи процесите кои ќе значат модернизација, професионализација, финансиска консолидација и создавање услови за дополнителен развој на Македонската Радио- телевизија...

Директорот на Македонската Радио- телевизија, Марјан Цветковски во писмена изјава се заблагодарува за укажаната доверба и можноста и во идниот период да управува и да ги заокружи процесите кои ќе значат модернизација, професионализација, финансиска консолидација и создавање услови за дополнителен развој на Македонската Радио- телевизија.

„Им благодарам на сите оние кои ми даваат поддршка, но и на оние кои критички ја опсервираат мојата работа или пак имаат дилеми околу мојот избор. Сакам да истакнам дека ќе продолжам да бидам отворен за секоја добра идеја и за секоја конструктивна критика. Со внимателност ги следам сите перцепции и ставови и ќе продолжам да се трудам да ја извлечам секоја аргументирана поента која е присутна во јавниот дискурс и да ја применам во интерес на националниот сервис“- вели Цветковски и додава дека одлуката да се кандидира ја донел после долго размислување и по консултации со неговиот тим.

„Со стратегијата за наредниот период ќе обезбедиме најмалку три нови телевизиски канали, до крајот на мандатот 0 денари доспеан, а неплатен долг на МРТ, отварање најмалку 10 дописни центри во Македонија, дигитализирано радио, организација на годишна асамблеа на членките на ЕБУ, создавање услови за сериозни промени во информативната програма, создавање услови за развој на сите други програми како и многу новитети кои значат следење на најдобрите стандарди и практики и почитување на улогата на МРТ како промотор на државните, европските и евроатланските вредности“- вели Цветковски, и посочува дека во изминатите години се вратени над 14 милиони евра долгови, настаните пред неговото назначување. Спроведена е комплетна дигитализација, платите се покачиле за 20 проценти, се реновирале и опремиле сите телевизиски студија и работни простории на МТВ.