Потребни се длабински реформи во Уставниот суд и Судскиот совет

19.02.2018 14:46

Промовирани два труда од авторот Дениз Прешова. Првиот „Реформа на судството во Република Македонија: промена без реформи?“ ја анализира стратегијата за реформа во правосудниот сектор за периодот 2017- 2022 година, со акцент на реформите во Судскиот совет. Вториот труд, пак, насловен „Уставниот суд изгубен во судските реформи“ го обработува уставното судство во Република Македонија осврнувајќи се на потенцијалното позитивно влијание кое овој суд би можело да ја има врз судството, а низ призма на гореспоменатите судски реформи...

Стратегијата за реформи во судството е без јасна визија, тврди авторот на еден од трудовите со анализи на Уставниот суд и Судскиот совет, Прешова. Судскиот совет не смее да продолжи да биде изложен на притисоци, смета тој. Вели, тогаш судството ќе ни се претвори во игра на тефтерчиња. Според него не се доволни само департизацијата и професионализацијата на членовите на ова тело, предвидени во стратегијата, туку и индивидуалната независност.

Судскиот совет треба да е на браникот на независното судство и да го промовира, смета поранешниот судија во Европскиот суд за човекови права, Мирјана Лазарова- Трајковска.

Уставниот суд е најнереформираниот во земјава. Сѐ уште постапува по Деловник од 1992-ра година, изолиран или самоизолиран од редовните судови. Никогаш не иницирал, туку напротив, понекогаш и самиот ги опструирал сопствените реформи.

Авторот на анализата „Уставниот суд изгубен во судските реформи“, вели дека загрижува што во сегашната верзија на стратегијата на власта, нема предвидено реформи на Уставниот суд.

 

Фиљана Кока