Владата ја претстави Стратегијата за реформи во администрацијата
Департизација, ефикасност и одговорност, решение за оние кои седат дома, а земаат плата. Владата ја претстави Стратегијата за реформа на јавната администрација до 2020-та година...

„Професионализација на високите раководни структури преку јасно разграничување на политичкото и професионалното ниво“, ова е приоритет во Стратегијата, изјави ресорниот министер Манчевски. Објаснува дека се воведува категорија на високи државни службеници и се дефинираат системот за оценување и системот за плати, а со Закон ќе се гарантира принципот- еднаква плата за еднаква работа и еднаква застапеност на сите заедници. Ќе има решение за административците кои сега седат дома, а земаат плата, уверува Манченвски.
„Со овие измени овозможуваме тие да може да бидат распределени во целиот јавен сектор- во болници, училишта, претпријатија, секаде онаму кадешто има места соодветни на нивното образование“, изјави министерот Манчевски.
Од седум сектори во Министерството, шест немаат раководители. Има недостаток на информатичари, правници и искусни економисти. Министерството е задолжено за човечки ресурси, а нема вработено ниту еден експерт од овој профил, сооптшти Манчевски.
„Овие позиции мораме некако да се снаоѓаме да ги пополнуваме. Подолгиот начин е, а воедно работиме и на тоа, е со отворање на конкурси каде постапката трае три месеци. За да се изгасне пожарот во меѓувреме, се применуваат вакви договори за привремени вработувања“, вели Манчевски.
Манчевски негираше дека привремено вработените, автоматски ќе добијат трајно вработување.
Фиљана Кока
