Студен бран во Македонија, најмногу снег во Маврово
Сибирскиот бран ги симна температурите и донесе снег во земјава. Највисока снежна покривка има во Маврово, каде има 78 сантиметри. Во Лазарополе има 51 сантиметар снег. Во Тетово и во Дебар се измерени по 20 сантиметри, а во Скопје 15 сантиметри. Најмалку снег има во Прилеп, само 5 сантиметри. Најмногу проблеми снегот им донесе на транспортерите затоа што за сообраќај беа затворени скоро сите планински премини. Во Скопје, комуналните служби фрлија 455 тони индустриска сол, но сепак беа скратени некои линии на јавниот градски сообраќај...

Ниски температури, врнежи од снег. Македонија е под влијание на студен бран. Најмногу снег има во Маврово, каде што е формирана снежна покривка од 78 сантиметри, а во Скопје 15. Најмалку снег има во Прилеп. Од Град Скопје информираат дека зимските служби се излезени на терен за чистење на сообраќајниците.
„Слабо е расчистен снегот, вака по главните улици чисто е, а по малите слабо.“
„Паднав прееска.“
„Од Батинци доаѓам, горниот дел не е баш чисто, а вака накај градот почисто е“- велат граѓаните кои ги анкетиравме.
Снежните врнежи низ целата држава го отежнаа и го забавија сообраќајот. На дел од патните правци има забрана за движење на тешки товарни возила. Се апелира до возачите внимателно да управуваат со возилата, да ги почитуваат препораките и обврската да носат зимска опрема. Од Управата за хидрометеоролошки работи велат дека потопло време нѐ очекува викендов.
„Во текот на утрешниот ден ќе имаме променливо облачно време со повремени врнежи од снег, со слаб до умерен интензитет. Овие врнежи повеќе ќе бидат застапени во крајните западни и источни делови од земјата, додека во централните ќе бидат значително послаби. Во поглед на температурата нема некои промени, со тоа што утринските на некои места ќе бидат пониски, особено во четврток, во некои места ќе бидат -15 степени. Во повеќе места ќе бидат -9 и -10. Од петок ќе имаме затоплување“, изјави Ленче Ризова од УХМР.
Делови од западна Македонија се без струја, на северот отсечени села, во одредени учичишта нема настава.
Ана Јосифоска- Тодоровска
