Усвоени измени во Законот за стечајци
Уште 1.900 луѓе кои останале без работа поради приватизација ќе бидат опфатени во Законот за стечајци. Владата ги усвои измените...

Владата ги усвои измените на Законот за стечајци. Според проценките, ќе бидат опфатени уште 1.900 луѓе кои останале без работа поради приватизација. Министерката за труд и социјална политика вели дека сега се олеснуваат условите и се воведува флексибилност за возраста на стечајците кои се опфаќаат со решението.
Ќе можат да аплицираат и оние чиишто работен однос престанал и по приватизацијата на претпријатието, а почнале да работат додека тоа било во државна сопственост.
„Истото тоа претпријатие да го има истиот матичен број, од кога били државно претпријатие и исто така работниот однос на лицето да почнал во времето кога претпријатието било во државна сопственост. Второто одлеснување се однесува на возрасната граница, или сите граѓани може да ја остварат возрасната граница гарантирана со законот до истекот на законот или до поднесување на нивното барање, што значи до септември 2018-та година, граѓаните кои ќе поднесуваат барање, може да ги наполнат своите возрасти- 52 за жени и 55 за мажи“, изјави министерката Царовска.
Со Законот кој беше донесен во септември минатата година, издадени се решенија на 2.732- ца стечајци.
Наташа Гркова- Петрушевска
