Заев: Завршница на Законот за употреба на јазиците
Законот за употреба на јазиците што поскоро треба да биде донесен, смета премиерот Заев. Тврди дека имало доволно време за дијалог. ВМРО-ДПМНЕ обвини дека Социјалдемократите ѝ прават трајна и непоправлива штета на Македонија. Побараа повлекување на решението. Собранискиот спикер Џафери најави дека неделава Законот повторно ќе се најде на пленарна седница...

Премиерот Заев очекува неделава да биде донесен Законот за употреба на јазиците, согласно со Уставот и законите. Дебатата е отворена веќе девет месеци и како што вели, треба што побрзо да биде затворена. Според него, сите кажале се што имаат, а било оставено и доволно време за дијалог.
ВМРО-ДПМНЕ не отстапува од барањето за амандманска расправа за законот, вели лидерот на партијата Мицкоски. Бидејќи се настојува да биде донесен без дебата и разговор со опозицијата, да се игнорираат забелешките од претседателот само за да се задоволат одредени политички апетити, како што вели Мицкоски во видео обраќањето, јасно е за каков случај на пазарење имаме на сметка на Уставот и законот. Директно му се обрати и на премиерот Заев.
Мицкоски уште еднаш го повтори предлогот-СДСМ да го повлече од собраниска процедура законот за јазиците, а за возврат партијата ќе ги поддржи владините реформски процеси. За пораката од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ премиерот оцени дека станува збор за како што рече „копи пејст“ од изјавите на поранешниот лидер на партијата Никола Груевски.
Вицепремиерот за евроинтеграции, кадар на ДУИ, Бујар Османи, го искритикува Мицкоски. Со вакви пораки опозициската партијата немала добра иднина. Да кажете дека јас ќе го запалам домот затоа што не ми се задоволува една моментална потреба е врв на несериозност на политичка партија која претендира да ја води државата, смета Османи.
Премиерот Заев тврди дека нема турбуленции во владината коалиција и дека Владата и парламентарното мнозинство се стабилни. Собранискиот спикер Џафери најави дека законот за јазиците неделава повторно ќе се најде на пленарка.
Сѐ уште останува енигма каков ќе биде епилогот-разгледување на над 35 илјади амандмани поднесени од ВМРО-ДПМНЕ или пак, директно гласање на законот без никаква дебата.
Милчо Велески
