Дипломатија

Скопје и Атина европски да го решат името

13.03.2018 12:17

Македонија има пријател во Хрватска и откако ќе се реши прашањето за името ќе ја добие нејзината поддршка за што е можно побрзо вклучување во НАТО и почнување на преговорите за влез во ЕУ, рече вицепремиерката Пејчиновиќ Буриќ по средбата со нејзиниот домаќин, шефот на дипломатијата Димитров. Тој нагласи дека шесте земји се различни и различно чекорат по евроинтегративниот пат, но клучно е квалитетното спроведување на реформите...

Шансите за постигнување решение за името се намалуваат ако се поставуваат црвени линии, изјави шефот на дипломатијата Никола Димитров. Македонскиот министер за надворешни работи алудираше на изјавите од неговиот грчки колега, Никос Коѕијас дека без промена на Уставот нема решавање на деценискиот спор.

„Убаво ќе биде Македонија и Грција да се натпреваруваат кој ќе има поевропски приод во овој билатерален спор, во смисла на разбирање на другиот и во смисла на вградување на европските вредности и принципи во ставот и приодот спрема прашањето“, вели македонскиот шеф на дипломатијата, Никола Димитров.

Димитров оствари средба со неговата колешка од Хрватска, Пејчиновиќ Буриќ. Таа посочи дека официјален Загреб ќе продолжи да биде главен сојузник за евроатланската интеграција на нашата земја. Таа вели дека освен реформите, потребно е и разрешување на отворените билатерални прашања како името.

„Штом ќе се реши прашањето со името, кое сметам дека е единствена пречка во моментот за да се отворат преговорите и во ЕУ и во НАТО, Република Хрватска ќе ја даде својата поддршка“, изјави Марија Пејчиновиќ Буриќ, министер за надворешни и европски прашања на Хрватска.

Според Димитров, оваа година ќе се направи напредок во евроатланските интеграции на Македонија. И хрватската шефица на дипломатијата оценува дека нашата држава во наредните три години, кога Загреб ќе ни остане контакт за НАТО, ќе стане дел од Алијансата.

Хрватска, која последна стана членка на Европската унија ќе ѝ помага со совети на Македонија. Буриќ предупреди дека при преговорите за членство со Унијата, мора најпрво да се исполнат потешките критериуми, но е убедена дека Македонија штом го почне преговарачкиот процес брзо ќе напредува во процесот.

 

Ирина Гелевска