Компании

Градежништво: На тендер само фирми кои ги исполнуваат обврските

30.03.2018 14:37

Синдикатот за градежништво бара од Владата да се забрани учеството на тендери на компании кои што не ги исполнуваат обврските кон работниците и ангажираат лица на црно. Рокот за повластената стапка од 5 насто за ДДВ при прва продажба на станови да се продолжи до 2023-та, побараа градежниците. За исполнување на барањето, добиено ветување од власта...

Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање бара од Владата да се забрани учеството на тендери на компании кои што не ги исполнуваат обврските кон работниците и ангажираат работници на црно. Синдикалците сметаат дека лиценца за работа може да добие само фирма која што има колективен договор и вработено работници со полно работно време, а исто така да се ограничи и степенот на произведувачи.

„Да се внимава при избор на фирми кои учествуваат на тендер, согласно со законот за јавни набавки, односно да не се обезбедува работа на компании кои не ги исполнуваат обврските спрема работниците и спрема државата. Тоа значи да се ограничи бројот на подизведувачи, односно да ги гарантираат компаниите правата на вработените“, изјави Иван Пешевски, потпретседател на Синдикат за градежништво, производство и проектирање.

Синдикалците бараат правната држава да функционира, а домашните фирми кои што го почитуваат законот и ги реализираат обврските да ги добиваат тендерите.

„Не може некој да користи јавни средства и ресурси и да се јавува како изведувач на одредени објекти, а истовремено да го злоупотребува работникот, да ги плати минималните давачки, да не му ги исполнува и обврските“, вели Павел Трендафилов, претседател на Синдикат за градежништво, производство и проектирање.

За Владата нема дилеми дека домашните компании имаат право да се јават на тендерите и да се ангажираат во проектите.

„Ние не смееме да дозволиме тендерите да бидат нетранспарентни и да се фаворизира некој. Не, напротив, наша цел е транспарентна постапка и нормално јас и Владата сметаме дека домашните компании треба да бидат вклучени во градбата на сите овие проекти“, изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Од ресорот за транспорт сметаат дека е направен јасен динамичен план за почеток на градење на сите најавени проекти по месеци, а градежната комора со став дека има потенцијал да ги реализира сите 60 патни правци.

„Ако се направи добра организација и се постави добар динамичен план, јас сум убеден дека може да се реализира секој проект, на основа на секој проект од почеток на реализација до негов завршеток е битно да има континуитет“, нагласува Ивица Јаќимовски, претседател на Градежната комора при ССК.

И Синдикатот го дели мислењето на работодавачите, но потсетува дека обврските кон вработените мора навреме да се исполнуваат, секако со почитување на законот и на колективните договори.

Свето Николовски