Политика

Заев: Право на опозицијата е да поднесе интерпелација, но да водиме грижа за реформските закони

02.04.2018 16:47

„Право е на опозицијата да поднесе интерпелација, но истовремено мораме да водиме грижа и за носењето на реформските закони во предвидениот рок“, вели премиерот Заев за најавата на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе побара расправа за работата на Владата. Лидерот на партијата, Мицкоски изјави дека паралелно со враќањето во Собранието ќе поведат постапка за гласање недоверба со образложение дека државата се турка во амбис...

Премиерот Заев верува оти ќе се најде време и за потребите на опозицијата и за реформите. Нивно право е да поднесат интерпелација за Владата, но истовремено мораме да водиме грижа и законите да се донесат до предвидениот рок, 17-ти април, одговори премиерот Заев по барањето на ВМРО-ДПМНЕ за гласање доверба на Владата. Ја поздрави одлуката на опозициската партија за враќање во законодавниот дом. Смета дека нема потреба од предвремени парламентарни избори. Сериозно работиме на окрупнување на парламентарното мнозинство, дециден е првиот министер. Оцени дека дијалогот со опозицијата се движи во добар правец. 

ВМРО-ДПМНЕ се враќа во законодавниот дом. Ќе бара и писмени гаранции. Одлуката ја донесоа Извршниот и Централниот комитет, за како што изјави лидерот на партијата Мицкоски, да се спротивставиме на секоја штетна мерка и на антидржавната политика, спроведувана од парламентарното мнозинство. Како што рече, оваа Влада нема кредибилитет. Криминалот и корупцијата станаа заштитен знак за нејзиното работење.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не беа на собраниските комисии. Од опозициската партија брифираат дека на пленарка ќе дојдат кога на дневен ред ќе биде интерпелацијата за Владата која се подготвува.

На редовната понеделничка координација кај собранискиот спикер Џафери, но без претставник од ВМРО-ДПМНЕ било договорено- седница за интерпелација за Владата да има веднаш по Велигденските празници, а за реформскиот пакет, на 13-ти април.

Во меѓувреме, шефот на дипломатијата Димитров на премиерот Заев му реферирал за текот на разговорите за името. Претседателот на Владата изјави дека по последната рунда разговори во Виена е поголем оптимист.

За средбата со медијаторот Нимиц и со грчкиот министер Коѕијас, Димитров на поединечни средби со државниот врв и со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ. Лидерска ќе има по празниците.

Милчо Велески