Комисијата за заштита од дискриминација ги осуди содржините од збирката поезија „Млади поети“

03.04.2018 11:09

Објавените песни содржат елементи на дискриминација по основ на етничка, верска и родова припадност, стои во реакцијата на Комисијата.

Комисијата за заштита од дискриминација ги осуди содржините од збирката поезија од проектот „Млади поети“ финансирана од Агенцијата за млади и спорт. Објавените песни содржат елементи на дискриминација по основ на етничка, верска и родова припадност, стои во реакцијата на Комисијата.

Збирката поезија содржи форми на изразување кои не се прифатливи за едно демократско и мултикултурно општество, а во исто време се во директен судир со повеќе одредби од Законот за спречување и заштита од дискриминација, соопшти Комисијата.

Жири-комисија, пак, во состав Јовица Ивановски, Николина Андова-Шопова и Тихомир Јанчовски вчера соопшти дека се оградува од скандалозните содржини вклучени во збирката што ја издаде Агенцијата за млади и спорт.

Тие велат - Комисијата немаше обврска да прави селекција на пристигнатите песни за книгата, а со оглед на тоа што од песните што ни беа дадени на разгледување, некаде околу 80, се објавени само 44, значи дека некој сепак направил селекција. Решението што на прес - конференцијата го прочита директорот на Агенцијата за млади и спорт, нам, никој, во ниту една пригода не ни го презентираше или достави. Додаваат дека авторските дела биле потпишани со шифра и немале увид во идентитетот на авторите.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ смета дека директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски треба да си даде остава понесувајќи одговорност за, како што велат, скандалот со збирката поезија.