Разговори за името

МНР: Сѐ уште не е утврден датумот на следната средба меѓу Димитров и Коѕијас

03.04.2018 12:04

Грчките медиуми најавуваат нова средба на шефовите на дипломатиите Димитров и Коѕијас на 12-ти март, но македонското МНР за МТВ вели дека датумот сѐ уште не е утврден. Македонскиот министер и воедно преговарач, ќе ги брифира шефот на државата и политичките лидери по Велигденските празници...

Датумот на идната средба меѓу шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција, Димитров и Коѕијас сѐ уште не е утврден, велат од МНР, коментирајќи ги наводите на грчките медиуми дека идната средба ќе биде на 12-ти април, а потоа разговорите, наводно, ќе се водат на ниво на премиери.

Министерот за надворешни работи Димитров денеска отпатува во Париз, кадешто утре и во четврток има средба со францускиот шеф на дипломатијата Жан Ив Ле Дриан.

Од МНР велат дека Димитров вчера го брифирал премиерот Заев, а другите лидери на партии и претседателот Иванов ќе бидат брифирани по Велигденските празници на лидерска средба.

Коѕијас во Атина ги продолжува брифинзите на грчкиот државен и политички врв. Ќе се сретне со лидерот на ПАСОК и на движењето за промени и со претседателот на Унијата на центристите.

Мицотакис од опозициската Нова Демократија одбил да се сретне со Коѕијас и барал лично да биде брифиран од премиерот Ципрас. Шефот на грчката дипломатија веќе ги брифирал лидерите на грчката партија РЕКА и на Комунистичката партија.

 

Ирина Гелевска