Финансиска полиција

Кривична пријава против поранешен министер за здравство

03.04.2018 12:21

Кривична е поднесена и против раководителот на единицата за имплементација на проектот за реконструкција и доградба на објекти на јавните здравствени установи при Министерството за здравство.

Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Oсновно јавно обвинителство- Скопје против поранешен министер за здравство, поради сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“.

Кривична е поднесена и против раководителот на единицата за имплементација на проектот за реконструкција и доградба на објекти на јавните здравствени установи при Министерството за здравство.

Во 2010-та тогашниот министер по претходна постапка за јавна набавка склучил договор со сплитската фирма „Конструктор инженеринг“ за изведување градежни и занаетчиски работи на три болници- во Куманово, Кочани и во Крива Паланка.

Пријавените, како што се наведува, и покрај тоа што биле запознаени и свесни за ненавременото и неквалитетно извршување на работите од страна на изведувачот, во текот на 2011-та година, не презеле активности за активирање и наплата, како и не побарале продолжување на рокот на важност на банкарската гаранција во износ од 3 милиони 813 илјади денари за навремено и квалитетно извршување на работите пред истекот на нејзината важност, спротивно на Законот за јавни набавки и договорот со изведувачот .

Во 2012-та година, Министерството за здравство го раскинало договорот со изведувачот од Хрватска, и за довршувањето на работите за реконструкција на Општа болница во Крива Паланка биле спроведени нови постапки по јавни набавки и биле склучени договори со други изведувачи.

Со тоа, според Финансиската полиција, пријавените несовесно постапиле во извршувањето на своите овластувања и должности, со што го оштетиле буџетот на Министерството за здравство односно буџетот на Република Македонија за вкупен износ од 62 илјади евра и на ваков начин го сториле кривичното дело „несовесно работење во службата“, се вели во соопштението од Управата за Финансиска полиција