Повторно приведен Јане Ченто, еден од осомничените за 27-ми април

03.04.2018 12:44

Ченто бил приведен со образложение дека при проверката на 30-ти март, полицијата не го нашла дома, што според неговиот татко не е точно.

Утрово прилепската полиција го привела Јане Ченто, еден од осомничените за настаните во Собранието на 27-ми април, кој беше во куќен притвор.

Ченто бил приведен со образложение дека при проверката на 30-ти март, полицијата не го нашла дома, што според неговиот татко не е точно.

„Речиси месец и половина има како што Јане е во домашен пртвор. Не е мрднат од дома. Наводно, бил излезен на 30 март во периодот од 11:10 до 11:40 часот. Но ние имаме камери и на влезот од домот и тврдам дека мојот син не излегол од дома. Тоа можат да го проверат со снимките и треба да го докажат тоа што го тврдат. Имаше постојани проверки“, вели Коле Спиркоски, таткото на Јане Ченто.

Според обвинението, на 27-ми април Ченто добил повик од Александар Василевски- Нинџа веднаш по повикот од Виена и заедно со обвинетите Игор Југ, Маден Додевски, Захарие Симовски, Михаил Младеновски и Дејан Давидовски го мобилизирале членството за да влезат во Собранието.