Македонија има алтернатива, но ЕУ и НАТО се најдобра опција
„Не сум песимист, туку реалист за прашањето за името“- изјави националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски. Смета дека и да нема покана за НАТО во јули, земјава треба да продолжи да преговара. Универзитетските професори објаснуваат- Македонија има алтернатива, но ЕУ и НАТО се најдобрата опција...

Македонија се наоѓа во рана фаза од преговорите поврзани со членство во НАТО. Реално тоа е долг процес, и сериозни политичари и држави секогаш треба да имаат план Б- вака националниот кординатор за НАТО интеграциите, Стево Пендаровски ги оценува очекувањата, во јули да добиеме покана за членство во Северноатланската алијанса. Порачува, да се продолжи со преговорите, и покрај можноста до крајот на јуни да не се постигне консензус за името.
„Ако не добиеме покана, нема да биде крај на светот. Ќе продолжиме и јас ќе инсистирам да продолжиме да преговараме, можеби со некоја нова генерација грчки политичари. Она што е моја проценка која можам да ја кажам е дека сепак, сѐ уште се работи за рана фаза на преговарачкиот процес. Ги пратам медиумските извештаи, посебно оние од Грција, кои во голем дел се спинови“, вели Пендаровски.
Дали Македонија има друга алтернатива освен НАТО? Експертите велат дека евроазиските асосијации, не нудат квалитет и додадена вредност, ниту пак соодејствуваат со реалното опкружување.
„Сите други алтернативи- некој тоа го нарекува неутралност, јас го нарекувам изолација или гетоизација“, вели Ризван Сулејмани.
Членството за НАТО во моментов е условено со превисока цена. Јазикот и идентитетот не треба да бидат на преговрачката маса, смета професорот по безбедност Марјан Ѓуровски.
„Да за членство во НАТО, но не по секоја цена, ако тоа доведе до промена на јазикот и идентитетот на граѓаните на Република Македонија“, смета професорот Ѓуровски.
Во Македонија е висок процентот за членство во НАТО, иако статистиките покажуваат дека изминативе две години има пад, како последица на предолго чекање.
Марина Стојанова- Тонева
