Суспендиран раководител во АМС, комисијата ќе треба да ја надомести штетата
Супсендиран раководител. Надворешната комисија низ чии раце поминала збирката поезија ќе треба да ја надомести штетата- пресече Агенцијата за млади и спорт. Директорот тврди- ја лоциравме одговорноста, пропустот ќе продолжи да се истражува. За кражбата на идентитет и говорот на омраза се очекува потег од надлежното обвинителство. ВМРО-ДПМНЕ не отстапува, Каевски да си поднесе оставка...

Тројцата поети кои биле дел од Комисијата што дала зелено светло за печатење на спорната поезија во целост да ја надоместат штетата. Одговорноста е нивна и на раководителот на секторот за млади во Агенцијата, кој заработи суспензија откако навидум прегледаните песни ги однел на печатење. Ова го соопшти неговиот претпоставен, директорот Дарко Каевски кој откако го истражил случајот ја лоцирал одговорноста и констатирал дека се работело несовесно и нестручно. Појасни дека ќе се формира нова комисија која ќе утврдува како работеле членовите на претходната и каде се случил пропустот.
Книгата ќе се препечати без спорната содржина штом се расчисти случајот, а полицијата и обвинителството ќе истражуваат како се случила кражбата на идентитет и како ќе се санкционира објавениот говорот на омраза.
Од ВМРО-ДПМНЕ побараа Каевски да поднесе оставка, затоа што како потпишан уредник требал да изврши избор што ќе објави, и е одговорен за квалитетот на публикацијата.
Каевски повтори дека нема да поднесе оставка иако, како што рече, чувствува морална одговорност. Тврди дека не дал согласност да биде потпишан како уредник на книгата, а истото го потврдија и од издавачката куќа „Арс Ламина“ кои се повикаа на недоразбирање и рекоа дека во книгата како уредник е наведен Каевски, иако за тоа не бил известен.
Анита Димитријевска
